Фудбалерите на Реал Мадрид и Манчестер Сити ремизираа 1:1 на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите.
„Граѓаните“ напаѓаа од почетокот на натпреварот, ја имаа топката многу повеќе во свој посед, но Тибо Куртоа беше на висината на задачата. Казната за промашувањата дојде во вид на гол на Винисиус Јуниор во 36. минута за 1:0.
Второто полувреме започна подобро за Реал, кој преку Бензема можеше да го зголеми водството, но Џон Стоунс му попречи и малку ја допре топката која отиде над голот.
Во 67. минута видовме израмнувачки гол во режија на Де Брујн. Камавинга погреши на својата половина, Сити ја одзеде топката, а Гундоган му ја испрати топката до Белгиецот, кој од прва шутираше силно и прецизно по земја. Го погоди самиот аголот од голот, а Куртоа не можеше да направи ништо.
Во останатиот дел од натпреварот Реал беше посериозен ривал, имаше неколку удари и шанси, но Едерсон ја одбрани својата мрежа.
Вториот меч на програмата е на „Етихад“ на 17 мај.
Другата полуфинална двојка ја сочинуваат Интер и Милан, кои се среќаваат во среда оваа недела и вторник следната недела.