По стартниот пораз во полски Лоѓ од Украина (0:3)кој не е реална слика на тоа како играа нашите момчиња, вчера во вториот натпревар од групата „Б“ во Европската златна лига македонската машка сениорска одбојкарска репрезентација во СЦ „Борис Трајковски“ со 3:1 во сетови триумфираше над Белгија.

Првиот сет го освоивме 25:21, па ја зголемивме предноста на 2:0, откако го добивме и вториот со 25:23. Противнивниците се вратија намалувајќи на 2:1 откако во третиот сет беа подобри и заврши со 17:25, а во четвртиот сет нашите одбојкари ги решија сите дилеми околу победникот (25:21).

Најдобар во нашите редови беше Н. Ѓоргиев со 19 поени, следен од Љафтов кој имаше 16, а по осум запишаа Милев и Савовски.

На спротивната страна најефикасен беше коректорот Рекерс со 21 поен.

Во вториот натпревар од нашата група селекцијата на Украина со 3:0 ја совлада Хрватска.

Моментно после две одиграни кола на табелата Украина има шест бодови, по три Белгија и Македонија, а Хрватска ниту еден.

Во следното трето коло избраниците на селекторот Јошко Миленкоски на 3 јуни во Скопје ќе ги пречекаат Хрватите.

Очигледно подобрите услови за работа на нашите спартанци даваат и резултати, навиваме за МАКЕДОНИЈА!

By Author