Во зградата на Основниот суд во Подгорица денеска експлодира бомба. Повредени се пет лица, а како што неофицијално дознава Вијести, во експлозијата загинал М.Б. (40) кој активирал експлозивна направа на влезот во судот. Пред судот се собраа голем број граѓани, полиција и екипи на итната помош.
Полицијата врши увид, поради што сообраќајот во тој дел од градот е отежнат и блокиран.
„Во 11:35 часот добивме известување дека во зградата на Основниот суд е активирана експлозивна направа и дека има повредени. Утврдиле дека починал М.Б. (40) кој ја активирал експлозивната направа. Имаме уште пет повредени лица на кои им е укажана помош во Клиничкиот центар“, изјави Срѓа Кориќ од Криминалистичката полиција.
Новинските извештаи укажуваат дека едно лице е тешко повредено.
Како што пренесува Дан, возилата на брзата помош секоја минута ги превезуваат повредените во Ургентниот центар.