Како последица на обилните врнежи, реките во Словенија надобија, некои се излеаа од коритата, но најлошото сценарио беше избегнато во ризичните области во земјата.

Сирените се огласија во повеќе општини покрај Драва. Во долниот тек на Драва во текот на ноќта полека се зголемуваше нивото на водата и во поголема мера беше поплавен просторот под Птујското езеро, изјави Андреј Голоб, дежурен хидролог во Агенцијата за животна средина, пренесуваат локалните медиуми.

Во изминатото деноноќие се регистрирани вкупно 175 интервенции поради силно невреме пропратено со ветер, обилни врнежи и поплави, најмногу на подрачјето на Крањ, а потоа следуваат Нова Горица, Словењ Градец, Љубљана и Копер.

Во меѓувреме, силните ветрови и огромните бранови направија хаос во Пиран, еден од најживописните крајбрежни градови во Словенија, во петокот навечер. Уништени се неколку продавници во близина на морето, додека некои улици се затворени за сообраќај, јавува N1.

By Author