Финалето е во недела од 14 часот и 40 минути.
Германските кошаркари се пласираа во финалето на Мундобаскетот, а ќе играат против Србија за титулата светски првак! Германците победија со 113:111 во неверојатно полуфинале!
Јунак на победата беше Андреас Обст, кој постигна 24 поени, но на крајот направи и клучна тројка.
Франц Вагнер постигна 22 поени, Даниел Теис 21, а Денис Шрудер 17 поени.
Кај Американците најефикасен беше Ентони Едвардс со 23 поени, а Остин Ривс постигна 21.
Каква кошарка видовме во второто полуфинале! Вистински НБА спектакл кој Германците и Американците го приредија на гледачите на Филипините со огромен број поени.
Германците почнаа силно од самиот почеток и веднаш им ставија до знаење на Американците дека не се шегуваат и дека се подготвени идентично да одговорат на нивниот стил на кошарка – со напад и брза кошарка.
И покажаа дека се уште подобри во ваква игра.
Веќе по првото полувреме резултатот беше неверојатни 60:59 за Американците.
А потоа во третиот дел Германија одигра неверојатно и дојде до десет поени предност.
Во последниот дел следеше вистинска драма. Германците во еден момент имаа +12, Американците не се предадоа и дојдоа на само еден поен заостаток, а човек на одлука беше Андреас Обст кој погоди тројка за +4.
Американците се бореа, но имаа многу лоши одлуки во последните напади, дозволувајќи им на Германците да стигнат до финалето.
За потсетување, финалето меѓу Србија и Германија е закажано за в недела од 14 часот и 40 минути.