Мечот не беше ни започнат, а веќе избија сериозни проблеми.

Фудбалската репрезентација на Аргентина отпатува за Бразил за да одигра квалификациски натпревар за Светското првенство, што се игра низ Јужна Америка.

Натпреварот, на популарната Маракана, требаше да започне во 01:30 часот по полноќ, по наше време, но низата провокации пред натпреварот, а потоа и масовните инциденти во кои учествуваше и полицијата, го прекинаа овој настан.

На еден дел од трибината каде што се навивачите на Аргентина, најпрвин дошло до помал, а потоа и масовен конфликт меѓу навивачите на гостинскиот тим и навивачите на Бразил. Таму се вклучила полицијата, која со дополнителна агресивност се обидела да ги смири нередите, поради што во тепачката се вклучиле и останатите. Наводно, има и тешко повредени.

Како протест на овие случувања, фудбалерите на Аргентина предводени од Лионел Меси решија да го напуштат теренот и долго време не се знаеше дали натпреварот ќе започне. Во еден момент размислувале да не го продолжат натпреварот, поради употреба на сила од страна на бразилската полиција, но на крајот одлуката била да се вратат на теренот.

Набргу по враќањето на теренот, следеше жива дискусија меѓу играчите, а во еден момент беше и на работ на физички конфликт.

Судиите и органите на редот успеаја делумно да ја смират атмосферата, како на трибините, така и на теренот, па натпреварот започна со половина час доцнење.

By Author