Во Хрватска не се незадоволни од ждрепката за Светското првенство во Катар.

Селекторот на хрватската фудбалска репрезентација Златко Далиќ изјави дека е задоволен од ждрепката за Светското првенство, но и дека ниту една селекција не смее да се потцени.

Најмногу сум задоволен од ждрепката, но никого не смееме да потцениме“, изјави Далиќ за Хрватската радио-телевизија (ХРТ), пренесе Хина.

Хрватските фудбалери на Светското првенство во Катар ќе играат во групата Ф со селекциите на Белгија, Мароко и Канада.

Далиќ додаде дека нема лесни групи во натпреварувањето, бидејќи на Мундијалот се најдобрите репрезентации.

Ја добивме Белгија која три години беше прва репрезентација на списокот на ФИФА, тука е и Канада која заврши прва во последната група пред САД и Мексико, а тоа е селекција полна со млади таленти која одлично напредува. Мароко е меѓу најдобрите во Африка, а го предводи Вахид Халихоџиќ, кого сите добро го познаваме“, изјави Далиќ.

Првиот натпревар во групната фаза Хрватска го игра против Мароко на 23 ноември, четири дена подоцна против Канада, додека последниот натпревар ќе го има против Белгија на 1 декември.

Далиќ оцени дека Мароко е оптимален ривал за првиот натпревар во натпреварувањето, како и дека прва цел е пласман во нокаут фазата.

Ќе одиме чекор по чекор и ќе размислуваме само за мечот што следи, но мора да ја поминеме групата“, заклучи Далиќ. Светското првенство се игра во Катар од 21 ноември до 18 декември.

Потсетуваме, Хрватска го играше финалето со Франција на последното Светско првенство во Русија во 2018 година и беше поразена со 4:2.

By Author