Некои Американци се чувствуваат изневерени, затоа што нивната сонародничка Ајлин Гу, им го сврте грбот и пред три години почна да ги брани боите на Кина.
18-годишната Ајлин го освои златото во скијање во слободен стил на Зимските олимписки игри во Пекинг, победувајќи ја Французинката Тес Ледо.
Таа освои 188,25 поени, додека Французинката остана пократка со 187,50 поени, додека Швајцарката Матилда Гремо ја освои бронзата.
„Ова е најубавиот момент во мојот живот. Најсреќниот момент, ден, што и да е во животот. Не можам да верувам што се случи“, изјави Ајлин Гу за веб-страницата на Олимпискиот комитет.
Ајлин е модел кој заработува милиони долари годишно на име спонзорски договори со многу познати брендови, но се занимава и со олимписко скијање.
Нејзината популарност „експлодира“ во Кина, која ја претставува иако е родена и израсната во Калифорнија, од татко Американец и мајка Кинескиња.
На денот на победата кинеските социјални мрежи, вклучувајќи го и Веибо, доживеаја пад поради фактот што нејзините следбеници оставија 90.000 коментари за околу половина час.
Поврзаниот хаштаг „Gu Ailing освои златен медал“, имаше повеќе од 300 милиони прегледи за еден час, поради што Weibo падна поради премногу корисници.