Фудбалерите на Интер од Милано убедливо со 2:0 го совладаа најголемиот ривал во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги изјави дека неговиот тим одиграл исклучително прво полувреме против Милан, во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите.
Интер синоќа го совлада градскиот ривал Милан со 2:0 како гостин, со головите на Един Џеко во осмата и Хенрик Мхитарјан во 11. минута, во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите.
Интер можеше да победи поубедливо бидејќи имаше бројни шанси, но сепак со два гола го чека реваншот следниот вторник.
„Многу сум задоволен, првото полувреме беше исклучително, можевме да постигнеме повеќе од два гола. Беше одлична игра, веќе минавме неколку кола и знаеме дека ова е само прво полувреме. Во реваншот ние ќе ја имаме поддршката од нашите навивачи и мораме да направиме уште еден напор за да го оствариме сонот“, изјави Инзаги за Amazon Prime Italy.
Интер оваа сезона го победи Милан во три различни натпреварувања – Лигата на шампионите, Серија А и Суперкупот на Италија, а на сите три натпревари не прими гол.
“Момците го покриваа секој дел од теренот. Си помагаа. Знаеме дека се уште не е готово”, додаде Инзаги.