Лионел Меси добил понуда од Ал Хилал околу трансфер во овој клуб од Саудиска Арабија, објави инсајдерот Фабрицио Романо. Аргентинецот би заработувал неверојатни 400 милиони евра по сезона, што досега не е видено во светот на фудбалот.

Фудбалските фанови ширум светот со голем интерес ќе ја следат реакцијата на Меси на оваа понуда, меѓу другото и затоа што Кристијано Роналдо игра во лигата на Саудиска Арабија, но во дресот на Ал Наср. Ова би била единствена можност да се отвори ново поглавје во ривалството меѓу двајца фудбалери кои го одбележаа 21 век.

Роналдо во Ал Наср заработува 250 милиони евра по сезона.

Фудбалерот на Пари Сен Жермен веќе некое време не го ужива најдобриот статус во тој клуб, бидејќи неодамна за време на натпреварот против Лион, навивачите на парискиот клуб упатија свирежи кон него. Со оглед на овие околности, голема е веројатноста Меси да го напушти францускиот клуб на крајот на сезоната, а славниот Аргентинец сигурно ќе ја разгледа оваа понуда од Ал Хилал.

Меси оваа сезона на 32 натпревари за клубот постигна 17 гола и исто толку асистенции.

Ал Хилал моментално е четврти на табелата во Саудиска Арабија, додека Ал Наср е втор.

By Author