Модриќ планира кариерата да ја заврши во мадридскиот клуб.
Фудбалерот на Реал и хрватски репрезентативец Лука Модриќ одбил понуда од 60 милиони евра од клуб од Саудиска Арабија, бидејќи сака да ја продолжи кариерата во мадридскиот клуб, објави шпанскиот новинар Томаш Гонзалес-Мартин.
Капитенот на хрватската репрезентација има договор со Реал до крајот на сезоната, но се уште не добил понуда за продолжување на соработката.
„Модриќ му кажа на Реал дека сака да остане уште една година и дека одбива огромна понуда од Саудиска Арабија. Му понудија 60 милиони евра за двегодишен договор, но тој сака да остане во Реал. Планира да ја заврши кариерата во мадридскиот клуб“, тврди Гонзалес-Мартин.
Модриќ е во Реал од 2012 година и во мадридскиот клуб заработува околу 10 милиони евра годишно.
„Менаџерот на Модриќ во последните месеци им кажа на челниците на Реал дека има понуда од Саудиска Арабија. Тоа го натера претседателот на Реал, Флорентино Перез да помисли дека хрватскиот фудбалер сака да го напушти Мадрид. Сега Модриќ реши лично да им каже на челниците на Реал дека ја одбил понудата од Саудиска Арабија“, додаде Гонзалес-Мартин.