Челниците на Пари Сен Жермен на познатиот француски фудбалски тренер Зинедин Зидан му понудиле годишна плата од 25 милиони евра, пренесува „Мундо депортиво“.
Зидан пред неколку дена имаше средба со челниците на францускиот шампион, но не беше постигнат договор. Раководството на Пари Сен Жермен не се откажа, туку реши на славниот тренер да му понуди дури 25 милиони евра по сезона.
Доколку легендарниот капитен на Франција ја прифати оваа понуда, ќе стане најплатениот тренер во светот. Во моментов тоа е Диего Симеоне кој во Атлетико Мадрид заработува 24 милиони евра.
Зинедин Зидан во вторник во Катар ќе се сретне со челниците на Пари Сен Жермен. Поранешниот тренер на Реал Мадрид ќе има барање да му биде дозволено истовремено да ги води „светците“ и француската репрезентација, доколку во одреден момент добие понуда да ги преземе „триколорите“.
Шпанските медиуми наведуваат дека сон на Зидан е да ја предводи француската фудбалска репрезентација, а очекува да биде назначен на таа функција доколку актуелниот селектор Дидие Дешам замине во пензија на крајот на годината.
„Бидејќи би живеел во Париз, не би му било проблем да ги извршува двете функции – да биде селектор на Франција и тренер на Пари Сен Жермен“, заклучува шпанскиот весник.