Големи проблеми за Ферари во Азербејџан

Актуелен светски шампион во Формула 1 возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен е победник на трката за Големата награда на Азербејџан. Тој ја заврши трката со време од 1:34:05 секунди.

Ферстапен го забележа 25-от триумф во кариерата на уличната патека во Баку, додека неговиот тимски колега Серхио Перез го освои второто место.

На подиумот се искачи и возачот на Мерцедес Џорџ Расел, додека на четвртото место заврши седумкратниот светски шампион и член на германскиот тим Луис Хамилтон.

Петтото место го освои Пјер Гасли од Алфа Таури, а шести целта мина возачот на Астон Мартин Себастијан Фетел.

Бодови освоија и Фернандо Алонсо од Алпина, возачите на Мекларен, Даниел Рикардо и Ландо Норис, како и тимскиот колега на Алонсо, Естебан Окон.

Трката ја одбележаа повлекувањата на возачите на Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинц. Саинц се повлече поради проблеми со сопирачките, додека моторот на Леклер откажа.

Шарл Леклер имаше се во свои раце, водеше доминантно, но имаше голем шок во 21. круг. Моторот на Ферари откажа и Леклер мораше да застане на страна, што го означи крајот на сите надежи за Ферари.

Ферстапен ја зголеми предноста во генералниот пласман и сега има 150 бодови, додека второпласиран е Перез со 129 бодови.

По откажувањето Леклер е на третата позиција во шампионатот со 116 бодови.

Следната деветта трка во шампионатот ќе се вози за седум дена во Монтреал, за Големата награда на Канада.

By Author