Војната во Украина, односно „Специјалната воена операција“ како што ја нарекува Русија, уште еднаш даде повод за спортски потег за една од „споредните“ работи. Најновата вест на тема спортски санкции против Русите – доаѓа од претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, а е поврзана со „Париз 2024“, односно претстојните Олимписки игри.

По препораката на Извршниот комитет на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) „На Русите и на Белорусите да им се дозволи да учествуваат на Олимписките игри во Париз 2024 година, како неутрални спортисти“, имаше бурни реакции, вклучително и најава на Украина дека ќе ги бојкотира игрите ако наведената препорака се спроведе во пракса.

Како „преодно решение“ меѓу двете крајности, се појави полски предлог за создавање „тим на руски и белоруски дисиденти“ (од спортисти кои јавно ќе се откажат од режимот олицетворен во претседателите Владимир Путин и Александар Лукашенко ), но тоа беше само почеток на невремето, кое Бах го „продолжи“ овој понеделник.

Имено, откако дури 35 земји зазедоа заеднички став да се спротивстават на учеството на Русите (и Белорусите) на Игрите во Париз, претседателот на МОК реши вака да и се обрати на Украина додека престојува во Франција на Светското првенство во алпско скијање:

– Историјата ќе покаже кој направил повеќе за светот: оние кои се обидуваат да ги одржат врските и да го продолжат дијалогот или оние кои сакаат да изолираат, поделат… Наша задача е да ги зближиме луѓето. Тука сме да најдеме решение кое ќе ја исполни главната мисија на спортот: да се обединиме, а не да придонесуваме за конфронтации и нивно ескалирање – изјави Томас Бах, а пренесува „Франс24“.

Тој посебно им се обрати на украинските спортисти:

– Веќе поддржуваме над 3.000 украински спортисти, со желба да формираат многу силен украински тим во Париз. Секој украински спортист може да се увери во солидарноста и сериозноста на нашите намери. Но, дополнително мораме да ја продолжиме нашата мировна мисија, а тоа е да ги обединиме луѓето – заклучи претседателот на Меѓународниот олимписки комитет.

За првите Олимписки игри се смета дека се одржани во 776 г. пр. Хр. во чест на старогрчкиот бог Зевс. Уште оттогаш тие стануваат симбол на светскиот мир. ТИе треба да зближат не да раздвојуват.

By Author