Германскиот тенисер Александар Зверев се пласираше во четвртфиналето на Ролан Гарос.

Зверев во понеделникот во осминафиналето го победи бугарскиот тенисер Григор Димитров со 6:1, 6:4, 6:3.

Мечот траеше два часа и 19 минути, но по дуелот се повеќе се зборува за работи кои немаат врска со тенисот.

Имено, Зверев ја изрази својата фрустрација за забраната за земање инсулин на натпреварите на Ролан Гарос, откако се скарал со судијата на натпреварот против Димитров!

Германецот има дијабетес од својата тригодишна возраст и редовно прима инсулин, па реши да го земе лекот на мечот со Бугаринот. Но, официјалните лица го запреа и му рекоа дека тоа не е можно да се направи на теренот.

Од него беше побарано да го напушти теренот и да излезе надвор, што се брои како пауза за тоалет. А според новото правило таков прекин можеш да имаш само два пати на натпревар. Зверев се пожали и рече дека за време на меч од пет сета морал да прими инсулин четири или пет пати.

-Ми рекоа дека морам да го напуштам теренот, дека тоа ќе ми се смета како пауза за тоалет. Одговорив: „Момци, ајде! Имам само две паузи за тоалет, а во дуел од пет сета, треба да инјектирам инсулин четири или пет пати“. Затоа им објаснив дека тоа не може да биде така, бидејќи тоа би значело дека не ми дозволуваат нешто што е неопходно за мојата благосостојба, за мојот живот.

Во вториот сет, Зверев требаше да земе инсулин, кога надзорникот го запре и рече дека само лекар е овластен да дава такви инјекции.

– Надзорникот, кој не ни знаеше за ова, влезе во собата и испаничи кога ме виде. „Не, не, не, не можете да го направите тоа. Лекарот треба да дојде и да ви даде инјекција“, рече тој. Му објаснив дека имам дијабетес од детството и дека точно знам што правам. Сепак, тој не го промени својот став. Рекоа дека изгледа чудно кога го правам ова на теренот. Ако не го направам тоа, мојот живот ќе биде во опасност. Оваа дискусија нема смисла – јасен е Зверев.

За потсетување, германскиот тенисер со руско потекло заболел од дијабетес уште како осумгодишно момче. Тогаш прогнозите беа мрачни за него, бидејќи поединци му велеа дека никогаш нема да може да стане врвен тенисер. Александар Зверев ги увери сите и покажа дека секој дијабетичар може да биде успешен во која било гранка од животот како и секој друг човек.

Александар Зверев дури минатото лето ѝ откри на пошироката јавност дека е дијабетичар тип 1 и јавно почна да зборува за болеста, проблемите и тешките предрасуди на околината со кои се соочуваат заболените.

By Author