Дeнес во 13 часот по европско време во Пекинг свечено ќе бидат отворени 24. Зимски олимписки игри. На Игрите во Пекинг учествуваат 2.871 спортист од 91 земја.
Игрите официјално ќе ги отвори кинескиот претседател Си Џинпинг.
Поради пандемијата на корона и студеното време, овојпат отворањето, на кое ќе учествуваат околу 3000 изведувачи, е помало од отворањето на Летните олимписки игри во 2008 година во кинескиот главен град, кога спектаклот го изведуваа 15.000 луѓе. Она што е премиера – Пекинг е првиот град кој бил домаќин и на летна и на зимска Олимпијада.
Политичките тензии и проблемите со почитувањето на човековите права фрлаат сенка на ЗОИ 2022. Отворањето на игрите е бојкотирано од страна на повеќе земји, меѓу кои и САД, Велика Британија, Канада и Австралија. Германија исто така нема да испрати свои високи претставници, но не зборува за бојкот.
Проблеми предизвикува и пандемијата на коронавирус. И покрај сите рестрикции и мерки, секојдневно има нови случаи на инфицирани. Организаторите денеска соопштија дека од 72.425 направени тестови во текот на вчерашниот ден, 21 биле позитивни. Вкупниот број на корона-случаи од 23. јануари досега се искачи на 308.