Еден од најголемите возачи на сите времиња, ако не и најголемиот – Аиртон Сена.

Легендарниот Бразилец загина во несреќа за време на трката за ГН на Сан Марино во Формула 1 на патеката Енцо и Дино Ферари во Имола. Тогаш 34-годишниот Сена во шестиот круг од 58-те изгубил контрола над својот автомобил Вилијамс и удрил во ѕид со брзина од над 300 км/ч во кривината „Тамбурело“.

Таа трагедија беше втора што се случи за време на црниот викенд во Имола, откако ден пред Сена загина Австриецот Роланд Раценбергер. Нивната смрт ја промени Формула 1 засекогаш, а во годините што следеа, акцентот беше ставен на безбедноста на возачот.
Малку познат факт е дека во болидот на Сена подоцна било најдено австриско знаме кое тој по трката сакал да го подигне во чест на Раценберг. Пред фаталната трка, Сена со своите коеги од Ф1 успеал да издејствѕва безбедносни измени во правилата.

Од 1994 година, во Формула 1 е забележана само една несреќа со трагични последици – на Големата награда на Јапонија во 2014 година, кога Жил Бјанки се здоби со сериозни повреди, од кои почина девет месеци подоцна.

Сена го имаше своето деби во Формула 1 во 1984 година како возач на Толеман, а потоа ги бранеше боите на Лотус, Мекларен и Вилијамс. Освои три светски шампионски титули – 1988, 1990 и 1991 година, постигна 41 победа, а на подиумот беше вкупно 80 пати.

Бразилецот беше познат како крал на квалификациите и возач кој од дождот вади најдоброто. Вкупно 65 пати стартуваше од пол-позицијата, а само двајца возачи во историјата успеаја да го надминат – Михаел Шумахер и Луис Хамилтон.

Тој владееше со улиците на Монте Карло, каде што беше неприкосновен, па со право му го дадоа прекарот „Принцот од Монако“, што не им пречеше ниту на оние што ја носеа или ја носат таа титула. Големата награда на Монако ја заврши шест пати како победник, а најдоброто возење во Кнежеството веројатно не го круниса со триумф поради сплет на различни околности.

Иако минаа 28 години од неговата смрт и иако во меѓувреме со светот на октаните владеат некои други кралеви, јасно е дека со неговата смрт Формула 1 изгуби неизмерно многу. Тој не беше само еден од шампионите, статистичка точка во низата.

Никако. Тој беше возач поради кого многумина го засакаа тој спорт, па дури и оние незаинтересирани за Формула 1, незаинтересирани за спортот воопшто.

By Author