Покрај тоа што е сопственик на безбол клубот, новиот сопственик на премиерлигашот Тод Боли има удел и во славните Лос Анџелес Лејкерс.

Челзи објави дека е постигнат конечен договор за продажба на лондонскиот премиерлигаш на конзорциум предводен од косопственикот на Лос Анџелес Доџерс, Тод Боли и со поддршка на „Кирклеке капитал“.

Конзорциумот, кој ја даде понудата за купување на Челзи на почетокот на овој месец, доби одобрение од Премиер лигата и британската влада оваа недела да ја продолжи продажбата.

Се очекува преземањето да биде завршено во понеделник, пренесува Ројтерс. Купувањето на „сините“ ќе ги чини околу 4,5 милијарди долари и ќе имаат обврска да вложат уште 1,7 милијарди во него.

Покрај тоа што е сопственик на безбол клубот, Тод Боли има удел и во Лос Анџелес Лејкерс, а исто така е сопственик и на женскиот НБА тим Лос Анџелес Спаркс.

Рускиот сопственик Роман Абрамович го стави клубот на продажба на почетокот на март по руската инвазија на Украина, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“.

За продажбата беше потребно зелено светло од португалската влада, откако Абрамовиќ минатата година под санкциите на Европската унија стана државјанин на таа земја.

КОЈ Е ТОД БОЛИ

Тој е сопственик и основач на индустријата Елдриџ. Неодамна стана генерален директор на Здружението за странски новинари во Холивуд, кое ги доделува наградите „Златен глобус“. Тој е тесно поврзан со Холивуд и е пријател со многу познати личности, а не е тајна дека токму поради тоа што ја доделува една од најпрестижните награди, секој сака да биде во негово друштво.

Веќе извесно време доделува „глобуси“ со својата организација, но повеќе сака да се појавува на спортски настани.

Се проценува дека има богатство од околу 4,5 милијарди долари. Често се пишуваше за неговиот начин на склучување зделки, па и самиот во една прилика кажа како е постигнат договор.

„Кога преговарам, целта не е да ја добијам најдобрата понуда за себе, туку да постигнам договор кој е фер за сите вклучени страни“, рече Боли.

Тој веќе ги воодушеви навивачите, бидејќи при кандидатурата изјави дека ќе работи на реконструкција на „Стемфорд Бриџ“ и дека не се обидува да најде алтернативен дом за „сините“.

Боли е познат како вистински шармер и луѓето често го гледаат со многу симпатии.

By Author