Небото и земјата повторно се составија над делови од Балканот. Новата суперќелиска олуја што почна попладнево во Милано, вечерва стигна до Србија. Попатно на места направи хаос во Словенија, во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Обилен дожд, град со големина на тениско топче и силен ветар кој носеше се пред себе.
Сомбор беше првиот град на удар на невремето во Србија, потоа Суботица, Врбас, Нови Сад, а вечерва минува и низ Белград. Откорнати дрвја и кровови, поплавени улици, оштетени автомобили додека некои места останаа и без електрична енергија.
По силното невреме што ја зафати Србија и во Белград, врне дожд, грмежи и мплњи над целиот град, а граѓаните на Борча известуваат дека останале без струја. Молња го раскинува небото, силен гром и дожд се слушаат над градот, а дува силен ветер кој носи сè пред себе.
Се почна од Милано, каде беше забележано и мало торнадо. Од северот на Италија, олујата влезе во Словенија и делови од Истра. Орканскиот ветар урна кран на пристаништето во Риека, паѓаа дрвја во Умаг, крупен град се истури врз Пула. Мештаните велат дека такво невреме не паметат во изминатите 30 години. Невремето се почувствува и во Загреб, каде беше прекината и седница на хрватскиот Сабор во моментот кога вода од силниот дожд почна да навлегува во големата сала низ отворен прозорец.
Штетите од денешното невреме, второ во само три дена, допрва ќе се утврдуваат. Она што е важно е што попладнево не се пријавени жртви за разлика од средата кога олујата однесе шест човечки животи.