Искусниот хрватски играч за врска и првотимец на Реал Мадрид, Лука Модриќ истакна дека ќе се повлече од репрезентацијата по Светското првенство во Катар.
– Свесен сум дека сум на одредена возраст и дека ова ми е последно натпреварување за хрватската репрезентација – изјави Модриќ, а пренесува „ЕСПН“.
Модриќ досега за хрватската репрезентација одигра 154 натпревари и постигна 23 гола, а капитен стана во 2016 година по збогувањето на Дарио Срна. На СП 2018 во Русија со репрезентацијата на Хрватска, во финалето беше поразен од Франција – 4:2.
Од 2012 година до денес освои пет трофеи во Лигата на шампионите во дресот на Реал Мадрид, а во 2018 година ја доби наградата „Златна топка“.
За одлуката на Модриќ ќе се знае многу повеќе по Светското првенство во Катар. Хрватската фудбалска репрезентација на Светското првенство ќе ги одмери силите во групата Ф со Белгија, Канада и Мароко.
Светското првенство во Катар започнува на 20 ноември и ќе трае до 18 декември.