Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси призна дека завршил со европскиот фудбал, со што отфрли некои тврдења дека би можел да игра за Барселона како позајмен играч од Интер Мајами!

Меси во интервју за француски „Лекип“ потврди и дека бил блиску до враќање во Барса во 2021 година, но …

– Можев да се вратам во Барселона, но тоа не се случи. Кога заминував во 2021 година, тоа се случи одеднаш. Мојата прва идеја секогаш беше да се вратам дома, повторно да играм во дресот на Барселона, таму да ја завршам кариерата. Тоа е она за што отсекогаш сум сонувал. Но, тоа не беше можно. Затоа решив да дојдам во Интер Мајами – изјави Меси и додаде:

– Имав многу понуди. Сосема различни. Од Барса, други европски клубови, од Саудиска Арабија… Но, веднаш го избравме Мајами и среќни сме поради тоа, бидејќи овде се чувствуваме многу добро. Уживаме во секој ден поминат со семејството. Заедно можеме многу, во секој момент можам да бидам со сопругата и децата кои најмногу ми недостигаа. Мајами е спектакуларен град, со одлична клима.

На прашањето дали европскиот фудбал е затворена книга, Меси рече:

– Да мислам дека е. Фала му на Бога, имав среќа да имам феноменална кариера, освоив се што сонував во Европа, каде играв толку долго. Направив нов чекор со доаѓањето во САД, па мислам дека никогаш нема да се вратам да играм во Европа. Секако дека цел живот ќе ми недостига да играм Лигата на шампионите или Ла Лига, бидејќи тоа се игри со посебен вкус. Но, јас уживам овде колку што можам, па не се чувствувам фрустриран – рече Меси и откри дека се уште не знае што ќе прави по крајот на кариерата:

– Знам дека ќе се вратиме да живееме во Барселона. Тоа е нашиот дом, каде што ги имаме нашите навики, нашите пријатели. Но, немам поим што ќе правам. Ниту сум размислувал, ниту сакам. Сакам да уживам во годините пред мене како фудбалер, да го правам она што отсекогаш сакав да го правам како момче. И кога ќе ги обесам моите копачки на клин, ќе го барам мојот нов пат. Тренер? Не верувам. Но, дефинитивно ќе има нешто во фудбалот, бидејќи тоа е целиот мој живот.

By Author