Немили сцени во Росарио, родниот град на Лионел Меси
Две лица на мотоцикли рано утринава отвориле оган со пушки на излогот на супермаркет во сопственост на семејството на сопругата на фудбалерот Лионел Меси, Антонела Рокуцо, во градот Росарио во аргентинската провинција Санта Фе.
Тие оставиле порака на вратата од супермаркетот за 35-годишниот фудбалер на Пари Сен Жермен, и седумкратниот добитник на наградата за најдобар фудбалер на светот, на која пишува:
– Меси, тука сме. Те очекуваме. Јавкин е и дилер, нема да се грижи за тебе.
Ројтерс наведува дека „Јавкин“ во пораката е всушност градоначалникот на Росарио, Пабло Јавкин.
Јавкин ги обвини безбедносните сили дека не успеале ефикасно да се справат со организираниот криминал во Росарио.
– Зборував со семејството Ракуцо, тие се многу загрижени – изјави Јавкин.
Министерот за безбедност на провинцијата Санта Фе, Клаудио Брилони, им изјави на новинарите дека властите немаат цврсти претпоставки за мотивите на нападот, а обвинителот Федерико Ребола рече дека семејството Рокуцо претходно не добило никакви закани, пренесува Ројтерс.
Инцидентот се случи само неколку недели пред репрезентацијата на Аргентина да одигра два пријателски натпревари во таа земја, три месеци откако Меси го подигна трофејот како капитен на Светското првенство во 2022 година во Катар.