Дуелот Манчестер Јунајтед – Манчестер Сити требаше да биде дерби во 10. коло од Премиер лигата, но на теренот имаше само еден тим. „Граѓаните“ убедливо со 3:0 триумфираа на „Олд Трафорд“ и покажаа дека во овој момент се многу подобри од својот голем ривал.

Избраниците на Пеп Гвардиола од стартот на натпреварот наметнаа жесток ритам бидејќи сакаа што побрзо да дојдат до предност. Мрежата на „црвените ѓаволи“ првпат беше затресена во 26. минута кога Ерлинг Халанд погоди од белата точка.

На пеналот му претходеше глупоста на Расмус Хојлунд, кој го повлече Родри во шеснаесетникот. Судијата Пол Тиерни не покажа веднаш на белата точка , туку од колегите во ВАР собата доби инструкции да ја разгледа ситуацијата. Тој го направи тоа, ја промени одлуката и оправдано покажа пенал, а сигурен егзикутер беше Норвежанецот.

Јунајтед можеше да израмни на крајот од првото полувреме. Скот Мектоминај извонредно шутираше од околу 17 метри, но Едерсон одлично реагираше и успеа да го одбрани ударот на Шкотланѓанецот.

Веднаш потоа Сити можеше да го удвои водството пред паузата. Халанд шутираше со глава од непосредна близина, сите на стадионот ја видоа топката во голот, но Андре Онана со неверојатна парада го одбрани обидот на одличниот напаѓач.

Онаму каде што застана во првото полувреме, англискиот шампион продолжи и во вториот дел. Напаѓачот на „Граѓаните“ веќе во 49. минута го постигна вториот гол на натпреварот. Тој го искористи центаршутот на Бернардо Силва и со глава ја затресе противничката мрежа.

Конечниот резултат на играта го постави Фил Фоден, кој не му беше тешко да ја смести топката во небранетиот гол по асистенција на Халанд, кој одигра одличен дуел и ја доби титулата човек на мечот.

До крајот на натпреварот немаше промена на исходот, а можеше и да има, па петтата победа во последните шест натпревари против Јунајтед ја однесоа Сити.

Сити сега е трет на табелата со 24 бодови, исто колку и второпласираниот Арсенал. Тотенхем е на чело со 26. „Црвените ѓаволи“ се на осмата позиција со 15 бодови.

By Author