Судиската комисија на англиската Премиер лига (ПГМОЛ) го суспендираше помошниот судија Константинос Хацидакис, кој на вчерашниот натпревар помеѓу Ливерпул и Арсенал со лакт го удри фудбалерот на домашниот тим Енди Робертсон во вратот, јавува Би-Би-Си.
Инцидентот се случи на полувремето од натпреварот од 30. коло на Премиер лигата меѓу Ливерпул и Арсенал, кој на „Енфилд“ заврши без победник 2:2.
Робертсон имаше замерки на судењето, поради што му пријде на главниот судија Пол Тиерни, кој му покажа жолт картон на фудбалерот на Ливерпул. На снимката се гледа дека Хацидакис потоа го удира со лакт на Робертсон во вратот додека играчите од двата тима, како и судиите, тргнаа кон соблекувалните на Енфилд.
Хацидакис нема да биде делегиран за натпревари во сите натпреварувања додека Фудбалската асоцијација (ФА) не ја заврши истрагата за случајот.
– Навистина не знам што мислеше Хацидакис. Би требало да биде строго казнет. Никогаш не сум видел вакво нешто. Каде е преседанот за овие работи? Не можете да дозволите помошните судии да ги удираат играчите со лакт. Каква казна треба да добијат? – изјави за Би-Би-Си поранешниот напаѓач на Блекбурн, Крис Сатон.