На церемонија во Париз беа доделени наградите на најдобрите фудбалери за изминатата сезона, а главната награда „Златна топка“ му припадна на Карим Бензема. Програмата во Париз ја водеа легендарниот фудбалер Дидие Дрогба и француско-британската ТВ новинарка Сенди Херибер.
На францускиот напаѓач му беше доделена наградата на раскошна церемонија во Theatre du Châtelet, а Зинедин Зидан му ја врачи Златната топка.
Бензема стана петтиот Французин во историјата кој ја освоил оваа награда, а во изборот на најдобриот фудбалер немаше дилеми.
Бензема минатата сезона со Реал Мадрид ја освои шпанската Примера и Лигата на шампионите, одигра 46 натпревари и постигна 44 голови. Со 27 гола беше најдобар стрелец на Примера, со 15 гола најдобар стрелец во Лигата на шампионите.
На второто место веднаш зад Бензема се најде Садио Мане, а првата петорка ја комплетираа Кевин Де Бруин, Роберт Левандовски и Мохамед Салах. Нешто изненадувачки, Килијан Мбапе беше само на шестото место, додека Кристијано Роналдо беше надвор од топ 10 за прв пат од 2006 година, бидејќи сега беше на 20-та позиција.
За најдобра фудбалерка втора година по ред е избрана шпанската репрезентативка Алексија Путелас од Барселона.
Барселона би можела да се радува и поради Гави кој ја доби наградата „Златно момче“. Така го наследи клупскиот колега Педри, а многумина ги гледаат двајцата како легитимни наследници на Андреас Иниеста и Чави.
Трофејот „Герд Милер“ за најдобар стрелец му беше доделен на полскиот интернационалец Левандовски, кој минатата сезона во дресот на Баерн 48 пати ја погоди мрежата. Покрај тоа, имаше и шест асистенции, како и девет гола за репрезентацијата.
Најдобар голман во 2022 година беше Белгиецот Тибо Куртоа. Блесна во голот на Реал Мадрид, особено во финалето од Лигата на шампионите против Ливерпул (1:0), кога остана непобедлив со мајсторски интервенции. Го доби трофејот „Лав Јашин“.
За клуб на годината е избран англискиот шампион Манчестер Сити, втор е Ливерпул, додека трет е Реал Мадрид, кој според многумина веќе е виден како добитник на оваа награда.
За прв пат годинава беше воведена наградата „Сократ“ која Садио Мане ја доби за својата скромност и хуманитарна работа.