Во колевката на фудбалот за помалку од 24 часа се продадени 65.000 билети за натпреварот меѓу женските фудбалски репрезентации на Англија и САД, во октомври на лондонскиот Вембли.
Фудбалската асоцијација на Англија соопшти дека натпреварот меѓу европскиот шампион Англија и светскиот шампион САД ќе се одигра на 7 октомври на Вембли, доколку англиската репрезентација избори пласман на Светското првенство во септември.
„Луѓе вие сте неверојатни, веќе се продадени 65.000 билети за нашиот октомвриски натпревар против САД“, се вели на Твитер профилот на женската репрезентација на Англија.
Сајтот преку кој се продаваа билети во вторникот накратко падна поради голема оптеретеност.
Натпреварот го следеа 87.192 навивачи, што е најдобра посетеност во историјата на европските првенства во машка и женска конкуренција.
Во септември Англија ќе игра против Австрија и Луксембург во квалификациите за Светското првенство.
Селекцијата е прва на табелата во својата група со максимални 24 бодови и пласман на Светското првенство ќе обезбеди со реми против второпласираната Австрија или победа против Луксембург.
Доколку Англија треба да игра плеј-оф во октомври, на сите што купиле билет за натпреварот со САД ќе им бидат вратени парите, соопшти Фудбалската асоцијација.