Париската полиција уапси четворица навивачи на Јувентус кои изведоа нацистички поздрав и имитираа врисоци на мајмуни за време на натпреварот од Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен во Париз.
Полицијата уапси тројца возрасни и едно малолетно лице во вторникот вечерта откако ѓи прегледа видео снимки од навивачите на Јувентус на стадионот Паркот на Принцовите за време на натпреварот во Париз.
Како што соопштија од париското обвинителство, истрага е отворена поради расистички навреди, а вечерва биле сослушани и уапсените.
Тие беа сместени во делот за навивачи на Јувентус на стадионот, изјави полициски извор.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како навивачите на италијанскиот клуб го изведуваат нацистичкиот поздрав и имитираат врисоци на мајмуни.
Европската фудбалска унија (УЕФА) отвори дисциплинска постапка и назначи инспектор кој ќе го истражи „осомниченото дискриминаторско однесување на навивачите на Јувентус“ за време на натпреварот против Пари Сен Жермен.