Фудбалските репрезентации на Холандија и Еквадор ремизираа 1:1 во второто коло од групната фаза на Светското првенство во Катар.
Стрелец за Холанѓаните беше одличниот Коди Гакпо, додека за Еквадор погоди феноменалниот Енер Валенсија.
Холандија многу подобро го отвори натпреварот, кој избраниците на Луј ван Гал успеаја да го крунисаат со гол веќе во шестата минута од натпреварот. Класен одлично му се пронајде Коди Гакпо, кој ја прими топката, се позиционираше и од работ на шеснаесетникот ја „смести“ топката во долниот лев агол.
Во продолжение еквадорските фудбалери кои ја презедоа иницијативата и до крајот на полувремето создадоа неколку сериозни шанси за израмнување, најпрвин преку Торес и Еступинјан. Во продолжение се закани и Валенсија, но Нопет успеа да одбрани и да ја прати топката во корнер.
Финишот на првото полувреме донесе многу возбудувања, бидејќи Еквадор заслужено успеа да ја пронајде мрежата. Еступињан успеа да ја „смести“ топката во голот, но по кратка консултација голот беше поништен поради недозволена позиција и со тоа заврши првото полувреме.
Вториот дел од играта сосема заслужено мина во корист на Еквадор. По феноменален напад на фудбалери во сини дресови, јужноамериканскиот тим успеа да израмни. Еступинјан шутираше најпрво од агол, а Ноперт само успеа да ја одбие топката до феноменалниот Енер Валенсија, кој без мака ја погоди мрежата.
Еквадор го диктираше темпото на мечот до самиот крај, а од се што видовме, јужноамериканците заслужија многу повеќе од реми. Прво се закани Валенсија, но безуспешно, а потоа Гонзало Плата „испука проектил“, но гредата ги спаси „лалињата“. Еквадорците продолжија да напаѓаат до крајот, но мечот сепак заврши со поделба на бодовите.
Сепак, јужноамериканската селекција според прикажаното ја заслужи победата. Со овој освоен бод, Еквадор сега има четири, исто колку и Холандија, а судбината ќе ја решава во последното коло против Сенегал, кој има три освоени бода. Од друга страна, Холандија има лесна задача, бидејќи ќе се сретне со домаќинот на Мундијалот, репрезентацијата на Катар.