Поразот од Французите тешко им падна на навивачите на Мароко
Во тепачка меѓу навивачи на Мароко и Франција во Монпеље по полуфиналниот натпревар на Светското првенство загина 13-годишно момче.
Пласманот на Франција во финалето на Светското првенство во фудбал и победата над Мароко од 2:0, беа одбележани со големи нереди на улиците на Франција и Белгија.
Имено, за време на првенството, мароканските навивачи создадоа неверојатна атмосфера ширум светот, но и нивните очекувања пораснаа за време на Мундијалот. Сепак, како што заврши сонот за титулата, навивачите предизвикаа нереди и голем број инциденти.
Најлошо беше на улиците на Монпеље, каде беше убиено едно од момчињата, кое беше меѓу навивачите, а не помалку опасно беше и во Ница и Париз. Од околу 10.000 полицајци, речиси 5.000 беа распоредени само во областите околу главниот град на Франција. Органите на редот најавија претходно дека сите навивачи можат да слават, но не и да се бунтуваат. Така, тие изградија контролни пунктови и барикади, а употребија шок бомби и солзавец за да се одбранат и да го вратат редот кога почнаа судирите.