Европскиот парламент и Европскиот совет постигнаа договор за укинување на визите за граѓаните на Косово кои сакаат да патуваат во ЕУ на кратки патувања, соопшти денеска Европскиот парламент. Договорот, кој допрва треба официјално да биде одобрен, предвидува најдоцна од 1 јануари 2024 година, носителите на пасоши издадени од Косово да бидат ослободени од визи за максимален престој во ЕУ од 90 дена во рок од 180 дена.
Режимот за безвизно патување ќе почне да се применува од датумот на започнување со работа на Системот за информации и овластувања за патување на ЕУ (ETIAS), а во секој случај најдоцна до 1 јануари 2024 година, се вели во соопштението.
„По договорот, целиот регион на Западен Балкан би имал слична визна рамка како Шенген зоната. Законодавците го поздравуваат напредокот што го постигна Косово во патоказот за визна либерализација“, се вели во соопштението.
Двете тела го поздравуваат напредокот што го постигна Косово на патот кон визна либерализација.
Од Косово се бара да ја усогласи својата визна политика со политиката на ЕУ и земјите-членки кои сè уште немаат договори за реадмисија или аранжмани со Косово треба да склучат такви договори или аранжмани, исто така се додава.
„Косово конечно ќе може да ја посетуваат ЕУ за одмор, семејни и деловни посети без потреба од аплицирање за виза. Тоа е многу важен момент за нејзината европска иднина“, рече известувачот во ЕП, холандскиот европратеник Тејс Ројтен од групата на социјалистите и демократите.
Тој додаде дека Европскиот парламент со години неуморно се залагал за оваа одлука.
Овој договор е постигнат на денот кога косовските власти објавија дека потпишале официјално барање за добивање статус на кандидат за членство во ЕУ.
Европратениците истакнаа дека Косово треба да го почитува принципот на невраќање при исполнување на своите обврски.