Белград и „Штарк арена“ вторпат во последните четири години ќе бидат домаќини на најдобрите кошаркарски селекции на Стариот континент, кои на завршниот турнир во Евролигата ќе одлучуваат за новиот европски првак.
Српската престолнина од денеска до сабота ќе биде центар на кошарката и сцена на пресметката на четирите најдобри екипи во годинашното издание на елитното натпреварување. Во полуфиналето ќе се соочат двата шпански гиганти, Реал Мадрид и Барселона, додека минатогодишниот шампион Ефес ќе игра против грчки Олимпијакос.
„КЛАСИКА“ ЗА СЕКОЈА ДУША
Што да се каже за втората полуфинална двојка во која љубителите на играта под обрачите ќе го видат познатото „Класико“, веројатно најголемото дерби во историјата на светскиот спорт. Интересно, последен пат каталонските и мадридските екипи заедно учествуваа на завршниот турнир во Евролигата во сезоната 2013/2014. И за прекрасно чудо, уште тогаш се вкрстија во полуфиналниот дуел, па како победник „кралскиот тим“ излезе повеќе од убедливо (100:62), за подоцна во финалето да биде поразен од Макаби Тел Авив.
Сега, сепак, улогите се малку поинакви, бидејќи Каталонците со обезбедување на пол-позиција во првата фаза со причина си ја дадоа улогата на главен фаворит. Со само седум порази и 21 победа, како и со славењето над Баерн Минхен во четвртфиналето со 3:2, момците на Шарунас Јасикевичиус направија сериозен поход да го донесат третиот трофеј во Евролигата на витрините на клубот. Првиот од клупата им го донесе Светислав Пешиќ во 2003 година, а на паркетот Дејан Бодирога и Јасикевичиус.
Предноста на Реал во однос на конкуренцијата е тоа што добро знае како да ја освои титулата во Белград, откако пред четири години ја освои својата последна, десетта круна во „Арената“, водејќи се од магијата на тогаш единствениот Лука Дончиќ. . Најпрвин Мадрид во полуфиналето ја победи ЦСКА Москва (92:83), за во финалниот меч да го скроти Фенербахче (85:80), што го спречи најуспешниот европски тренер Жељко Обрадовиќ да дојде до десеттата Евролига.
Со докажаните ветерански сили (Љул, Фернандез, Ханга, Козер, Томпкинс, Тејлор) со змејови во рекетот на Еди Таварес и Винсент Поариер, како и овогодинешните засилувања Гершон Јабузел, Најџел Вилијамс Гос и повратникот Габриел Дек, Реал атакува на 11-та титула..