Рафаел Надал го елиминира Феликс Оге Алиасима од Ролан Гарос со резултат 3:2, по сетови 3:6, 6:3, 6:2, 2:6, 6:3.
Во првите неколку гема, Надал беше бледа сенка на човек кој до тој момент не му дозволи на противникот ниту еден сет на Отвореното првенство на Франција.
Се мачеше со сервисот на Канаѓанецот, но ништо не беше подобро ни кога „кралот на земја“ ја имаше таа предност, па на стартот му дозволи дури два брејка на ривалот, кој максимално го искористи за неочекуваниот старт на осминафиналето.
Следеше целосна трансформација на Шпанецот. Атомскиот тенис, нереалните винери и бруталната реализација на излегување на мрежа, го свртеа целиот наратив со кој дотогаш изобилуваше мечот.
Надал создаде неверојатни 17 шанси за брејк во следните два сета, а противникот спаси дури 13. Сепак, тоа не беше доволно, па Рафа брзо го сврте резултатот на 2:1 во сетови.
Алиасим веќе делуваше физички и психички исцрпено, беше виден како ги пакува куферите, но со неверојатни напори најде сила во себе за одлично враќање во мечот.
Почна да игра подиректно, да го одвлекува вниманието на Шпанецот од главната линија и да ризикува на свој сервис, што резултираше со освојување на петтиот сет на овој маратонски меч.
Во решавачкиот сет на површина излезе сувиот квалитет и искуството на Рафаел Надал, кој искористи и најмал пад на концентрацијата на младиот противник и направи еден брејк вреден триумф.
Во следното коло Рафаел Надал ќе игра против првиот рекет на планетата Новак Ѓоковиќ.