Фудбалскиот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека неговиот тим заслужил да се пласира во четвртфиналето на Лигата на шампионите и покрај послабата реализација на шансите во реваншот од осминафиналето против Интер.
Ливерпул загуби од Интер со 0:1 во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите на „Енфилд“, но се пласираше во четвртфиналето откако победи со 2:0 во првиот меч во Италија.
„Уметноста на фудбалот е да губиш вистински натпревари. Го мразам тоа, но ако има еден натпревар во кој би можеле да си дозволиме да загубиме, тоа е овој, бидејќи главната цел на ова натпреварување е да се оди понатаму. Не дека сум воодушевен, но среќен сум што отидовме понатаму, бидејќи мислев дека добивме тешка ждрепка. Отидовме понатаму во дуелот и мислам дека го заслуживме тоа“, изјави Клоп, а пренесува Би-би-си.
Стрелец на единствениот гол беше Лаутаро Мартинез во 61. минута, а Ливерпул ја прекина серијата од седум победи во Европа.
Тоа е големо „но“, но ако ги искористивме шансите од прекини и други ситуации, беше малку смешно како ги пропуштивме и на крајот можевме да победиме. Но единствено што ме интересира е дека фер поминавме понатаму“, изјави германскиот селектор.
Фудбалерите на Ливерпул во три наврати ја погодија рамката од голот, Џоел Матип гредата, а Мохамед Салах двапати ја погоди стативата. Тоа е еден од ретките натпревари што „црвените“ не ја затресоа мрежата, бидејќи на претходните 43 натпревари постигнаа 109 гола.
Ливерпул беше поразен по речиси една година на „Енфилд“, по серијата од 28 натпревари, во кои беа остварени 21 победа со седум нерешени.
Ливерпул по четврти пат во последните пет сезони е во четвртфиналето на најелитното европско натпреварување, а ждрепката за таа фаза ќе се одржи на 18 март во Нион.