Во земја каде речиси 70 отсто од населението е вакцинирано
Швајцарија е принудена да уништи 10,3 милиони дози од вакцината Модерна за коронавирус бидејќи им истекол рокот, објави швајцарското Министерство за здравство.
Министерството соопшти дека рокот на траење на вакцините истече во средата и тие мора да бидат уништени, објавија локалните медиуми, додавајќи дека вредноста на вакцините е околу 280 милиони швајцарски франци (294 милиони евра).
Дополнително, 2,5 милиони дози од вакцината сè уште се чуваат во воена логистичка база, а 7,8 милиони се чуваат во складиште во Белгија, соопшти Министерството, нагласувајќи дека стратегијата за снабдување со вакцини од почетокот на пандемијата се состои од нарачување повеќе дози од што е потребно за 8,7 милиони жители на Швајцарија.
Земјата нарача дози од различни лаборатории за да избегне да стане зависна од вакцини кои би можеле да бидат неефикасни и да избегне проблеми со испораката или договори кои не се почитуваат.
Швајцарските медиуми во јуни објавија дека земјата има вишок од 38 милиони дози на различни вакцини против коронавирусот, чии рокови ќе истечат пред крајот на годината.
Во таа земја, каде од почетокот на пандемијата починале 13.556 луѓе, речиси 70 отсто од населението е вакцинирано.