Војводата и војвотката од Кембриџ на 29 април ја прославија јубилејната 10-годишнина од бракот, а интересно е да се следи еволуцијата на стилот на Кејт Мидлтон од тој ден, кога го воодушеви светот во раскошна венчаница од тантела вредна 400 илјади долари, до денес, кога веќе се етаблираше како модна икона.

Кејт, која отсекогаш имала витка фигура и одлично држење на телото, никогаш немала проблем со изборот на облека – секој крој и одговара фантастично. Но, она што Кејт, како идна кралица, требаше да го стори е да ги усогласи аспирациите на монархијата и желбите на обичните луѓе во својот стил.

Од една страна, имаше потреба да се претстави пред народот како војвотка која не е расипничка и арогантна, туку обична жена од народот која сака брендови со прифатлива цена, не се двоуми неколку пати да носи исто и споделува облека со нејзината мајка и сестра. Од друга страна, беше потребно да се задоволат и девојчињата и жените ширум светот и Велика Британија кои веруваа дека принцезата треба да има посебни и препознатливи фустани.

Исто така, имаше и други насоки кои оваа убавица требаше да ги има предвид – облеката не смее да биде провокативна или проблематична, односно да нема прорези или деколте што случајно може да покажат премногу, а во исто време да се обиде да ја поддржи работата на британската модна индустрија, која обединува некои од најкреативните светски дизајнери.

Кејт на почетокот не ги владееше сите правила, но со текот на времето, со помош на одлични дизајнери како Сара Бартон од брендот на Александар Меквин, ги совлада стилските финеси и успеа да создаде уникатен стил – дискретен и елегантен, претежно класичен и повремено со трендовски детали. Оваа Британка научи кои парчиња и бои и прилегаат, која должина на фустан и висина на потпетица, а сега редовно ја гледаме беспрекорно негувана и без никакви грешки.

By Author