На жителите на тетовското село Фалише им е забрането да ги отвораат прозорците и да ги напуштат своите домови, како и да се движат во радиус од два километри од фабриката за бои и лакови „Еуроком“ каде што избувна пожар околу 10 часот при што над 100 тони хемикалии горат.
Надлежните предупредуваа на енормно загадување на воздухот, а претседател на ЦУК Стојанче Ангелов побара од Министерството за животна средина да испрати мобилна станица за мерење на загаденоста, но од Министерството добија одговор дека немаат.
„Поради високата температура постои опасност да се урне целиот објект. На граѓаните им е забрането да се движат овде. Апелирам до нив воопшто да не излегуваат од домовите доколку не мораат. Не се знае колкава е загаденоста, но има многу хемикалии“, рече Ангелов.
Центарот за јавно здравје во наредниот период ќе врши тестирање на водата и почвата.
„Нашата препорака е да нема потреба да се наоѓаме на ова место бидејќи во моментов во радиус од два километри во воздухот имаме јаглерод моноксид, јаглерод диоксид, диоксини и други штетни материи.
На луѓето им се препорачува да останат во своите домови и да не излегуваат без потреба. Во наредниот период ќе се вршат испитувања на водата и почвата за да се утврди дали има загадување“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово.
Пожарот, откако го зафати речиси целиот магацин и продажен салон на „Еуроком“, на површина од 1.000 метри квадратни, се става под контрола.
Противпожарните единици од Тетово заедно со колегите од Куманово, Велес, Скопје и Гостивар го гаснат пожарот. Успешно спречиле пожарот да се прошири на соседните згради, јавуваат скопските медиуми.