Бугарија го отвори воздушниот простор за рускиот министер за надворешни работи да долета во Скопје за министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Ова за агенцијата ТАСС го потврдила амбасадорката на Руската Федерација во Софија, Елеонора Митрофанова.

„Добивме позитивен одговор на нашата нота за летот на авионот на Лавров низ бугарскиот воздушен простор. Бугарското Министерство за надворешни работи официјално не информираше дека на нашиот министер му е дозволено да лета низ воздушниот простор на земјата“, рече Митрофанова.

Лавров претходно изјави дека Русија ќе учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, само доколку Бугарија го отвори воздушниот простор за авионот на руската делегација, што Македонија веќе го направи.

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, во саботата изјави дека е потврдено доаѓањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на неформалната вечера пред Министерскиот самит на ОБСЕ, но дека се уште не може да каже истото и за Лавров.

„Блинкен е потврден, тоа сега можам да го кажам. Во зависност од нивната агенда, секој доаѓа во различно време во тие три дена. Го очекувам државниот секретар Бинкен на неформалната вечера. Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската Федерација, во овој момент не можам да кажам“, рече Османи.

На министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, од 29 ноември до 1 декември, ќе присуствуваат 76 делегации од земјите членки и партнери на организацијата, а во делегациите се очекуваат вкупно околу 1.000 гости.

By Author