Народниот правобранител Насер Зибер, вчера поднесе извештај за состојбата во затворите во последната година, а како најдрастичен пример наведе дека осудените во КПУ Идризово имаат по еден метар квадратен на располагање по лице.

– Затворениците во Идризово имаат на располагање еден квадратен метар. Во ќелија од 16 метри квадратни се сместени 16 осуденици – рече Зибери, пренесе скопска ТВ21.

Недостигаат кревети и во затворот Шутка. Условите во некои соби се под секој стандард, а третманот е нехуман – откри Зибери.

Тој рече дека повеќето затвори во Македонија се преполни, дека имаат лоша хигиена, полни се, вели, со разни инсекти и немаат основни услови, како што е пристап до топла вода.

Ваквата состојба, според народниот правобранител, директно влијае на тензичната атмосфера кај осудените.

– Во текот на истрагата видовме дека во една просторија се сместени 16 лица. На 16 квадрати, со осум кревети, имало 16 осуденици. Во друга просторија од 19 квадрати имало 12 лица. Во многу простории условите се несоодветни. Видовме и случаи на осуденици да спијат на под, во ходници, во импровизирани кревети, поставени еден врз друг на три ката. Хигиената е незадоволителна – изјави Зибери.

Запрашан за осудените во случајот „Дивље населба“, народниот правобранител рече дека Управата за извршување санкции го прифатила нивното барање да бидат префрлени во КПУ Идризово.

– Нашата последна препорака беше прифатена од Управата за извршување санкции, така што овие лица ќе мора да бидат третирани како и сите други затвореници. Но, мојата првична препорака беше тие да бидат префрлени од затворот во Скопје во затворот Идризово, бидејќи во Шутка и да сакаат да ги користат тие поволности, нема прописи и услови – рече Зибери.

Презентирајќи го извештајот за состојбата во затворите, Зибери рече дека врз основа на извршените контроли е констатирано дека има пренатрупаност во КПУ Идризово, во КПУ Штип, во Шутка во Тетово, Струмица и Битола. Зибери, меѓу другото, откри дека е утврдено дека во затворите Шутка и Идризово биле користени кожни појаси и лисици, но упати критики до надлежните органи дека не реагирале на поплаките на затворениците.

By Author