Војна во Украина – 508-ми ден.

И покрај противењето на дел од меѓународната заедница, Соединетите Американски Држави одлучија да и го достават на Украина она што досега се сметаше за забрането – касетна муниција. Лидерите на Киев потврдија дека ова озлогласено оружје пристигнало во нивната земја, на што веднаш реагирал Владимир Путин. „Ќе возвратиме со иста мера“, рече тој, посочувајќи дека Русија има залихи на касетна муниција. Експертите предупредуваат дека ова може да означи почеток на нова, уште побрутална фаза од војната.

Украина доби касетна муниција од САД, изјави украинскиот генерал Александар Тарнавски.

Штотуку го добивме, сè уште не сме го користеле, но може радикално да се промени (ситуацијата на фронтот), изјави Тарнавски за Си-Ен-Ен.

Тој тврди дека Русија знае дека Украина со оваа муниција ќе има предност во војната.

„И непријателот разбира дека ќе имаме предност со оваа муниција. Непријателот ќе го отстапи тој дел од теренот каде што може да се користи“, тврди Тарнавски.

Тој посочи дека употребата на оваа муниција е забранета во густо населените области, дури и ако тие се под контрола на руските сили.

„Русите мислат дека ќе го користиме во сите области на фронтот. Тоа е многу погрешно. Но, тие се загрижени“, рече тој.

Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников ја поздрави одлуката на САД за испраќање касетни бомби во Украина и вети дека муницијата нема да се користи во Русија.

Резников твитна дека касетната муниција ќе помогне да се спасат животите на украинските војници, најавувајќи дека Украина ќе води строга евиденција за нејзината употреба и ќе споделува информации со партнерите.

Резников рече дека армијата нема да користи касетна муниција во урбаните средини, туку само за пробивање на непријателските одбранбени линии.

Бурна реакција на Русија

Сепак, руските лидери бурно реагираа на овој потег на Америка, особено поранешниот претседател Дмитриј Медведев.

Тој го навреди американскиот претседател Џозеф Бајден за испраќањето касетна муниција во Украина и рече дека влезот на Украина во НАТО ќе значи Трета светска војна.

„Заспаниот, сенилен Бајден рече дека пред две години во Женева ги негираше гаранциите на рускиот претседател дека Украина нема да влезе во НАТО. Во смисла „не им се покорив на Русите“. Потоа, сепак, тој побегна срамно во Авганистан. Потоа, за да го скрие својот срам, ја уништи економијата на Европа. После тоа, снабдувајќи ја Украина со стотици тони оружје, тој започна исклучително опасен долг конфликт со Русија, поради што режимот во Киев го уништува она што остана од неговата земја. Сега, откако ги исцрпи сите ресурси, ветува кластерски напади и повторно ги повикува неонацистите во Киев со НАТО перспектива, чија реализација значи Трета светска војна“, напиша Медведев.

Тој потоа се запраша „зошто Бајден го прави ова“.

„Најлесно е да се мисли дека тоа е насоката на секој американски лидер и длабоката американска влада: да доминира и да ги ограничи другите земји. Особено тврдоглавите како нашата. Може да се каже и дека се работи за болен старец кој има тешка деменција, не знае што прави. Трамп и голем дел од Американците врескаат за тоа“, напиша тој.

Набрзо зборуваше и самиот Владимир Путин.

Рускиот претседател изјави дека земјата има „повеќе од доволно залихи“ на касетни бомби и дека Москва го задржува правото да ги користи, доколку такво оружје се употреби против руската армија во Украина.

„Се разбира, ако тие користат касетна муниција против нас, ние имаме право да возвратиме во иста мера“, изјави Путин за државната телевизија.

Што се касетни бомби?

Повеќе од 100 земји, вклучително и Обединетото Кралство, Германија и Канада, потпишаа договор според Конвенцијата за касетна муниција за забрана на производство, складирање, употреба и пренос на касетни бомби.

Касетната муниција обично ослободува голем број помали бомби кои можат неселективно да убиваат на широк простор, но имаат висока стапка на неуспех, оставајќи ги оние што не експлодираат да претставуваат закана децении по завршувањето на конфликтот.

By Author