Европската унија во четвртокот постигна договор за Ковид-19 сертификатите што треба да помогнат во отворањето на летниот туризам во Унијата, објави Европскиот парламент (ЕП).
Европратениците и португалското претседателство со ЕУ се согласија во четвртокот вечерта по четири рунди разговори.
Сертификатот ќе постои во форма на QR-код на паметни телефони или на хартија, а властите ќе можат да го користат за да го утврдат „ковод статусот“ на посетителот.
Кодот ќе покаже дали лицето е вакцинирано, е негативно на ковид или има имунитет затоа што ја надминало болеста. Во пракса, ова ќе бидат три посебни сертификати.
„И покрај тоа што денешниот договор не ги исполнува во целост барањата на ЕП, тоа секако претставува значително подобрување во сегашната статус состојба за милиони граѓани на ЕУ“, рече Хуан Фернандо Лопез Агилар, претседател на Комитетот за граѓански слободи и известувач.
„Дигиталното сертифицирање ќе ја врати слободата на движење во рамките на ЕУ, бидејќи земјите-членки почнуваат да ги укинуваат ограничувањата низ цела Европа. Тој договор е првиот чекор кон обновување на Шенген-зоната “, додаде тој.
Земјите-членки мора да прифатат сертификати издадени од други членки за вакцини одобрени во ЕУ. Во моментов, тоа се „Фајзер“, „Модерна“, „Астра Зенека“ и „Џансен“.
Членките на Унијата можат сами да одлучат дали да прифатат сертификати за вакцинација од други членки по национални постапки за итни случаи или за вакцини вклучени во списокот на Светската здравствена организација за итна употреба.