Поради сè поголемиот број на новозарезени со ковид-19, како и значително зголемената фрекфенција на граничните премини, од Министерството за здравство брифираат дека е можно да се воведе задолжително тестирање за влез во земјава.

Институтот за јавно здравје во последната статистика за три дена евидентираше нови 899 случаи на ковид-19 од направени 2.466 тестови. Нема пријавено починати лица. Од вкупно 2.719 активни случаи, најголем број се во Скопје – 1.390, а во Македонска Каменица и Пехчево нема активни случаи на вирусот.

Лекарите велат дека заразата е особено активна и очекуваат таа да се засили со оглед на тоа што се годишни одмори.

Засега нема дополнителни ковид-мерки, односно остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Комисијата за заразни болести на последната седница утврди дека Македонија се наоѓа во зелена зона со доволно капацитети за згрижување на пациентите и не се потребни дополнителни рестриктивни мерки. Оттаму апелираа до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и непроветрени простории, освен кога тоа е неодложно. Во такви случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца. Лекарите апелираат да се следат препораките на Министерството за здравство, да се вакцинираат граѓаните над 60 години, особено ризичните групи, а останатите да ги следат превентивните мерки.
Зголемувањето на бројот на нови случаи изнесува 79.9 отсто, соопштија од Министерството за здравство.

Досега во земјата се направени 2.098.561 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 319.037, бројот на оздравени пациенти е 306.979, а на починати 9.339. 

By Author