Мексикански нарко-картел нападна од заседа полициски конвој: Шест мртви, над 12 повредени
Полицијата со години се обидува да лоцира повеќе од 110.000 исчезнати лица во Мексико.
Шест полицајци и обвинители загинаа во координирана серија експлозии на бомби покрај пат во западниот дел на Мексико, за кои официјални лица денеска изјавија дека биле замка организирана од нарко картел.
Во експлозијиите се повредени уште 12 лица, пренесува Гардијан.
Гувернерот на државата Халиско, Енрике Алфаро, изјави дека експлозијата доцна во вторникот во Тлахомулко, град во близина на главниот град на државата Гвадалахара, била предизвикана од анонимен јавувач кој пријавил наводни тајни гробишта во близина на пат.
Тој рече дека на патот биле поставени вкупно осум „импровизирани експлозивни направи“, од кои седум се активирале истовремено додека покрај нив минувал полицискиот конвој кој ги следел трагачите по гробовите на исчезнатите.
Забележано е дека полицијата со години се обидува да лоцира повеќе од 110.000 исчезнати лица во Мексико и во врска со тоа следи групи волонтери кои бараат вакви скриени гробници. Овие групи, обично составени од мајки на исчезнатите, често добиваат анонимни совети за тоа каде би можеле да бидат погребани нивните роднини. Не е познато дали меѓу ранетите има некој од доброволците.
„Ова е брутален терористички напад“, рече Алфаро на прес-конференција во средата, обвинувајќи го за смртта неименуван нарко картел. Тој изјави дека привремено се прекинува полициската придружба на групи волонтери кои трагаат по посмртните останки на исчезнатите.
„Ова е чин без преседан кој покажува на што се способни овие нарко-картели, а овој напад исто така претставува отворен предизвик за мексиканската влада на сите нивоа“, напиша Алфаро претходно на социјалните мрежи.