Русија го смета за терористички напад.
Инспекторите на руското одделение за источни меѓурегионални истраги утврдиле дека пожарот што во средата го зафати најдолгиот тунел во Русија бил предизвикан од експлозија окарактеризирана како терористички чин од „непознати лица“, пренесува денеска руски Комерсант.
Украински извор изјави за Ројтерс во четвртокот дека Службата за безбедност на Украина (СБУ) го активирала експлозивот во железнички тунел во Сибир затоа што Русија, како што рече, го користи за воени цели.
Комерсант, цитирајќи неименувани извори, наведува дека е започната опсежна истрага за инцидентот, во кој бил оштетен товарен воз кој минувал низ тунелот Северомуј во регионот Бурјатија, на границата со Монголија.
Тунелот е долг 15,3 километри и е најдолг во Русија, ако не се бројат линиите на метрото во градот. Прелиминарните истраги покажуваат дека под возот бил поставен експлозив, додава изворот на рускиот весник, а нема жртви.
Како што оценува британската новинска агенција, ваквиот напад, кој се случи на повеќе од 4.000 километри од Украина, ја покажува подготвеноста на Киев да изврши саботажа длабоко во територијата на Русија.
Исто така, Ројтерс истакнува дека не може самостојно да утврди дали таа железничка траса се користела за воени цели.