Шефот на руската паравоена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин загина денеска откако приватниот авион се урна во руската област Твер, соопшти руската Федерална агенција за воздушен транспорт.
– Покрената е истрага за падот на авионот Ембраер, што се случи вечерва во регионот Твер. Според списокот на патници, меѓу жртвите е и Евгениј Пригожин – се наведува во соопштението, пренесува ТАС.
Покрај Пригожин, загинаа уште девет лица. Авионот „Ембраер“ летал од Москва за Санкт Петербург, а во него имало седум патници и тројца членови на екипажот.
Членот на Главниот совет на администрацијата на регионот Запорожје, Владимир Рогов, рече дека „Вагнер“ му ја потврдил смртта на бизнисменот Евгениј Пригожин.
– Само што разговарав со некои извонредни „музичари“. Тие ја потврдуваат смртта на Евгениј Пригожин и Дмитриј Уткин – рече Рогов.
Уткин беше еден од основачите на „Вагнер“.