Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека процесот на дедоларизација меѓу членките на БРИКС е неповратен.

„Неповратниот процес на дедоларизација зема замав, се прават напори да се развијат ефективни механизми за меѓусебно порамнување и монетарна и финансиска контрола“, рече Путин во видео обраќањето за време на самитот на БРИКС во Јоханесбург, пренесува ТАСС.

Тој додаде дека се намалува учеството на долари во плаќањата за извоз и увоз и дека лани изнесувало 28,7 отсто.

Путин додаде дека за време на самитот ќе се разговара за сите аспекти на економската соработка, а во сето тоа голема улога има и Новата развојна банка, како и зголемената употреба на други валути освен доларот.

Претседателот на Русија посочи дека членките на БРИКС соработуваат на принципот на еднаквост и взаемна поддршка, како и дека меѓусебните инвестиции на земјите членки се зголемени шест пати во последните 10 години.

„Инвестициите во глобалната економија се двојно зголемени, а нивниот вкупен извоз достигна 20 отсто од светскиот извоз“, рече Путин.

Тој изјави дека инфлацијата, која денес е еден од најголемите проблеми во светот, делумно е предизвикана од печатењето пари во голем број земји како резултат на обидите да се санираат последиците од пандемијата на корона вирусот.

Зборувајќи за договорот за жито, Путин рече дека Москва се повлекла од договорот бидејќи не биле исполнети одредбите што и биле ветени.

Тој додаде дека Русија е подготвена да се врати на договорот, доколку се исполни она што и е ветено.

By Author