Пејачот на групата „Парни ваљак“, Аки Рахимовски, почина на 67-годишна возраст, а неговиот менаџер Дамир Осредечки за хрватските медиуми откри дека утрово му се слошило, по што завршил во болница.
„Утрово му се слоши, заврши во болницата во Ново Место. Пред еден час ми рекоа дека починал, причината за смртта се уште не ја знаеме“, изјави за 24сата.хр неговиот менаџер и пријател Дамир Осредечки.
Во текот на 2018 година, Аки доживеа мозочен удар, а по неколку месеци зборуваше за тоа како ја победил болеста.
„Сега се е во ред, па тоа се гледа кај мене (се смее), ги променив животните навики, искрено е тешко, но навистина се ќе биде во ред“, изјави еднаш Аки.
Александар Аки Рахимовски е роден во Ниш, но набрзо со семејството се преселил во Скопје. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, на седумгодишна возраст започнал музичко училиште, клавир и отсек за пеење.
Како тинејџер членувал во неколку бендови, од кои некои се групата Вакуум, Крвни браќа и Тор, со кои настапувал на фестивалот во Загреб во 1975 година.
Истата година се запознава со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ Хус и Јурица Паѓен. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек Миха ја основаа првата постава на Парни ваљак .