Еврото денеска падна блиску до 21-месечен минимум поради загриженоста дека руската воена акција во Украина ќе го загрози европскиот раст, додека валутите поврзани со суровини достигнаа повеќенеделни максимални вредности поради зголемените извозни цени.

Според последните расположливи податоци, еврото се тргуваше за 1,1097 долари, нешто над минималниот од 1,1058 долари, кој падна во текот на ноќта, што беше негова најниска вредност од мај 2020 година, пренесува Ројтерс.

Единствената валута на еврозоната потона за 1,5 отсто од почетокот на неделата и е на пат да ја заврши четвртата недела по ред со загуба во однос на американскиот долар.

Еврото паѓа во однос на австралиската валута девет сесии по ред и се менува за 1,5218 австралиски долари, по најнизок курс во последните четири години.

„Во сегашната криза веруваме дека еврото е многу ранливо. На корпоративно ниво имаме мрежа на сложени односи меѓу ЕУ и руските компании, особено во енергетскиот сектор. Цените на енергијата се зголемија како и цените на многу земјоделски производи. Затоа, војната во Украина навестува уште поголема и подолготрајна инфлација и можно забавување на економскиот раст“, ​​вели Џејн Фоли, висок девизен стратег во Рабобанк.

Британската фунта, исто така, е на надолна траекторија од почетокот на рускиот напад врз Украина, иако денеска во азиската трговија успеа малку да закрепне во однос на доларот на 1,341 долар од вчерашното ниско ниво од 1,3275 долари.

Сигурните валути, како јенот и швајцарскиот франк, синоќа благо потонаа поради јакнењето на доларот и поризичните валути. Јенот се тргуваше по 115,67 јени за долар.

Индексот на американскиот долар во однос на кошничката валути изнесува 97.502 поени.

Острите западни санкции влијаат на вредноста на рускиот имот и на рубљата, која во средата во Москва падна на 110 рубљи за долар. Рубљата беше малку посилна во меѓубанкарското тргување надвор од Русија и се менуваше по стапка од 98 рубљи за долар.

Под притисок се и валутите на источноевропските земји, при што унгарската форинта преку ноќ забележа рекордно ниско ниво во однос на доларот и еврото, додека полската злота падна на најниско ниво во последните две децении.

На крипто-пазарот, биткоинот ја загуби динамиката на раст од почетокот на неделата и потона на околу 43.500 долари, наведува британската агенција.

By Author