Можноста граѓаните бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено е дел од проектот „Скопје вежба“ кој го спроведува Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Проектот има за цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма.
Почнувајќи од денеска, 17 мај, па во наредните три месеци, скопјани ќе имаат можност да вежбаат и да се рекреираат на отворено секој работен ден, по 18 часот, на различни локации на јавните површини и парковите во Скопје. Ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога, атлетика и друго.
„Градот Скопје преку професионални тренери ќе им овозможи на граѓаните на Скопје бесплатна физичка активност во текот на попладневните часови, од понеделник до петок. Нашата цел е кај помладите генерации да всадиме навики за физичка активност, а кај постарите генерации да стимулираме еден поинаков и поздрав начин на живеење. Сакам да се заблагодарам на Факултетот за оваа заедничка акција со која ќе овозможиме на Скопје и на скопјани еден поинаков пристап кон физичката култура. Се надевам дека на крајот на јули кога ќе заврши оваа активност ќе може со задоволство да ги констатираме позитивните бројки на граѓани кои ја искористиле оваа можност, рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната промоција на проектот „Скопје вежба“.
Ќе се вежба, моторика, гимнастика, аеробик, бокс, јога, аеробик, пилатес, моторика, голф, фудбал, моторика, стои во соопштението.
За дневниот распоред на вежби и локации во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните можат да се информираат на Интернет страницата на Град како и преку социјалните мрежи на Град Скопје.