Досега се евакуирани околу 2.500 луѓе
Нова порака за евакуација на населбите Линдос, Пефки, Калатос и Архангелос е објавена во саботата нешто пред полноќ, соопшти претставник на противпожарната служба.
Тоа се туристички области и затоа е во тек голема операција за транспорт на приближно 1.000 до 1.200 луѓе.
На Родос ситуацијата станува се подраматична, пишуваат грчките медиуми. Подгреан од ветрови од 7 бофорти (50-61 км/ч), пожарот денеска ги зафати јужните делови на островот и стигна до морето. Повеќе од 2.500 луѓе беа евакуирани, додека селата и хотелите беа евакуирани. Огнените фронтови се уште беснеат, а наредена е евакуација на дури 30.000 луѓе.
Со пламените јазици кои зафатија огромни површини во земјата, жителите и туристите бегаат на секој можен начин, се евакуираат селата и хотелите… Родос гори од минатата среда, а противпожарната бригада секојдневно мора да се справува со последователни пожари, пишува kathimerini.gr.
Денеска напладне пожар гореше јужно од селото Лаерма каде противпожарните екипи се обидуваа да го спречат, но како резултат на тоа пламените јазици се префрлија на југ кон селата Лардос и Пилона на чии жители беше кажано да се евакуираат.
Хотелите лоцирани во областа Киотари во јужен Родос денеска беа оштетени од пожар и туристите кои престојуваа во нив беа евакуирани, а изгоре и познатиот бар на плажа во областа Глистра.
Во моментов се проценува дека на Родос има околу 200.000 туристи, од кои околу 8.000 биле во подрачјата погодени од пожарите.
Во обид да избегаат од огнениот фронт превентивно, туристите и мештаните заминаа на сите начини: земјоделски камиони, комунални автобуси, приватни автомобили, полициски и воени возила, но и пеш, а имаше и многу граѓани кои завршија на плажите на јужниот дел на Родос од каде беа спасени со чамци. Во спасувачките операции учествуваа не само бродови на крајбрежната стража, туку и приватни чамци.
Сепак, според објавите на туристите на социјалните мрежи, иако ноќта падна, сè уште има стотици луѓе кои чекаат да бидат евакуирани на плажите како Генади.
Се проценува дека денеска по море се евакуирани околу 2.500 луѓе.
Во централниот дел на островот, пренесува protothema.gr, оживуваат пожари североисточно од Лаерма и уште еден источно од браната Гадура.
Пожарникарите ги насочија своите напори на заштита на крајбрежната област и на сите хотелски единици во двете области.