Египет планира да се откаже од американскиот долар во трговијата со неколку земји-членки на БРИКС, изјави министерот за снабдување и трговија, Али Моселхи, а пренесува Ројтерс.
Според него, Египет настојува да користи локални валути за плаќање на стоките што ги увезува од Индија, Кина и Русија, членки на БРИКС, во кој се вклучени и Бразил и Јужна Африка.
– Се уште ништо не е спроведено, но разговараме како би можеле да тргуваме во локални валути на земји како Индија, Русија или Кина, рече Моселхи.
Групата БРИКС вклучува 40 отсто од светското население и речиси една третина од глобалната економија. Членките на блокот неодамна ја престигнаа Г7 во однос на економскиот раст.
Во април, 19 земји изразија интерес за приклучување кон БРИКС, кој се подготвува за својот 15-ти годишен самит во Јужна Африка на 22-24 август. Обединетите Арапски Емирати, Аргентина, Алжир, Египет, Бахреин, Индонезија, Саудиска Арабија и Иран се меѓу земјите кои официјално аплицираа за членство.
Египет во моментов се обидува да ја зајакне својата болна економија, која е значително погодена од падот на приходите од туризмот и зголемувањето на цените на суровините. Геополитичките тензии наводно ги поттикнале странските инвеститори да повлечат околу 20 милијарди долари од египетскиот пазар.
Во земјава, која се бори со голем скок на инфлацијата, во текот на минатата година домашната валута во неколку наврати беше девалвирана, имаше и недостиг од девизи и постојано доцнење на увозот.
Египет неодамна договори договор од три милијарди долари со ММФ, додека неговите сојузници од Заливот ветија дека ќе му помогнат на Каиро со милијарди инвестиции.
Министерот Моселхи инаку ги негираше наводите на „Блумберг“ дека Индија ќе му даде на Египет заем со неограничена вредност.